Пуштена во употреба реконструираната спортска сала во училиштето Страшо Пинџур во Општина Карбинци, министерката Јаневска во посета на општината

Пуштена во употреба новата реконструирана спортска сала во ООУ „Страшо Пинџур“ во Општина Карбинци. На настанот присуствуваше и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која истакна дека реконструкцијата е дел од програмата на Владата за подобрување на училишната инфраструктура и создавање подобри услови за учениците и нивниот развој. Јаневска информираше дека спортската сала е дел од програмата за реконструкција на 30 спортски сали во државата, а во двете сали во Карбинци и Штип се вложени околу 14 милиони денари.

,,Денес сум во посета на Карбинци и Штип за да ги отвориме двете училишни сали кои се реконстуирани и се дел од една поголема програма на Владата за реконструкција на 30 спортски сали кои се обновуваат во државата со помош на Европската Унија, Банка на развој и Совет на Европа. Значајно е да ги реконструираме тие сали, покрај 30 нови што ќе градиме кои се во во план на Владата затоа што спортот е значаен од развојот на децата, како што е познато во здраво тело, здрав дух. Во овие две сали вкупно се вложени околу 14 милиони денари, но да потсетам Владата е посветена на образованието и во инфраструктурните инвестиции, затоа што за да имаме поквалитетно образование треба да обезбедиме училници, спортски сали, училишта, соодветен простор за работа за учениците и наставниците. Оттука само да потсетам дека во овој момент се во изградба, доградба, реконструкција околу 90 училишно-обраозвни објекти во вредност од 70 милиони евра“, информираше Јаневска

Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, изјави дека реконструкцијата на спортската сала е инвестиција од околу 3,7 милиони денари од страна на Министерството за образование и наука, при што се обновени плафонот, подот, помошните простории и соблекувалните, со што на учениците им се обезбедуваат современи и соодветни услови за спорт и настава во училиштето.

,,После долги години, имаме навистина еден целосно реконструиран објект, се работи за училишна спортска сала којашто ја користат пред сѐ овде учениците овде во рамките на спортските активности поврзани со образованието, но и училишните спортови во рамките на училиштето е навистина за поздрав еден ваков проект. Се инвестираше во оваа училишна зграда некаде околу 3,7 милиони денари, директно од МОН и овој проект како што кажав ќе биде според сите модерни стандарди, каде што е изградена оваа сала, се реконструираше плафонот, подот, сите обнови, се обновија помошните простории, соблекувалните и сите оние детали во рамките на оваа сала и ќе биде на едно повисоко ниво да можат учениците, оние коишто ќе ја користат да имаат одлични, нормални, соодветни услови за посетување настава и спорт во рамките на училиштето, а за Општина Карбинци ова е во низа на неколку важни, крупни капитални проекти“, соопшти Паунов

Паунов потсети дека во изминатиот период во Општина Карбинци се реализирани повеќе значајни проекти, меѓу кои новото училиште во село Радање, доградбата на детската градинка, со што капацитетот е зголемен од 50 на 100 деца, како и изградбата на главните улици и пешачката патека Таринци–Карбинци со поддршка од Владата.

Ева Тушевска, М-Нет