Продолжи судењето за смртта на работникот од Штип, се бараат оригинални писмени докази, семејството чека правда

Продолжи судењето за случајот со трагичната смрт на 66-годишен работник од Штип, кој во мај 2021 година почина на работно место, по пад од покрив на објект во Свети Николе. Несреќата се случила при изведување градежни работи, кога работникот паднал од височина од околу 6,6 метри додека поставувал лимена плоча на покривот. Од здобиените тешки повреди лицето починало.

На денешното рочиште се изведуваа повторно писмените докази, при што судот побара од одбраната и од обвинитеслтвото истите да бидат приложени во оригинал. Наредното рочиште е закажано за 11 ноември, на кое ќе се изведуваат вербалните докази.

Претходно, управителот на фирмата во која бил вработен починатиот работник беше осуден на една година ефективна казна затвор од страна на основниот суд Свети Николе, а Апелационен суд Штип ја потврди пресудата. Подоцна, Врховниот суд ја укина пресудата и предметот го врати на повторно судење.

Дополнително , на претходното рочиште, кое беше одржано на 3 јуни годинава, на повторената судска постапка, обвинетиот и обвинетото правно лице беа истакнале дека не се чувствуваат за виновни, а откако одбраната предложи нови докази, судот го беше одложило рочиштето за денеска.

Пет години по трагедијата во која го загубија својот најблизок, семејството на починатиот работник се уште ја чека правдата.

Иван Митев, М-Нет