Презентација на јапонска култура во рамки на Летната школа во штипската Библиотека

Јапонски зборови и поздрави и изработка на оригами денеска се учеа во штипската Библиотека. Реализатор на работилницата беше Јуми Такахаши, гостина од Јапонија, која неделава ја одржува втората работилница во Штип. Првата во рамки на Штипското културно лето, а втората во рамки на Летната школа во Библиотеката. Вели дека се чувствува почестена што е во градот и од двете работилници носи само позитивни искуства.

„Денес на оваа работилница она што го научивме е да се поздравиме на јапонски јазик, научивме и некои зборови, како и за социјалните и бизнис етиките коишто ги има во Јапонија. Она што сега се случува е работилница за оригами, претходно учесниците на работилницата изработуваа навлака за стапчиња од хартија, а сега ќе прават и птици од хартија. Првата работилница беше доста успешна, таа беше реализирана со студенти, тие беа доста ангажирани околу работилницата, ги научија постапките на правење оригами, сега на ред е втората работилница. Иако е со мали деца, сепак и тие се многу посветени и се многу возбудени во тоа што го прават“, истакна Такахаши.

Активноста е во рамки на вториот ден од овогодинешната Летна школа во НУ-УБ „Гоце Делчев“ – Штип, која вклучува активности од повеќе области.

„Ова е вториот ден од Летната школа што нашата библиотека традиционално ја организира секоја година. Имаме различни содржини, повеќето од нив ги правиме со Американското катче, а овојпат имаме соработка и со Универзитетот „Гоце Делчев“ и овде со нас е Јуми Такахаши, наша гостинка од Јапонија. Со помош на работилници ја претставува јапонија и јапонската култура и пред нашите учесници на летната школа ни претставува некои вештини за изработка на оригами“, истакна библиотекарката Вилма Јованова.

На денешниот ден присутни беа триесетина учесници, а Летната школа ќе се одржува секој ден до крајот на работната недела.

Ребека Спасова М-Нет