По 45 години одделот за патологија при КБ Штип доби нов апарат

Одделот за патологија при Клиничка болница Штип после 45 години доби нов апарат кој е доста значаен за работењето на овој оддел. Со ова се заокружува еден голем дел од работата на патологија, а до почетокот на наредната година се очекува да биде обезбедено сè што е потребно за овој оддел со цел модерно функционирање во служба на граѓаните од Штип и Истокот.

„Се работи за апаратот „микротом“. Одделот за патологија е оддел којшто со децени работи со стара апаратура и ова и тоа како значи за работата на Клиничка болница Штип. Со растот на оперативните процедури во Клиничка болница Штип, со растот на дијагностичките процедури во општина Штип, ние мораме да го следиме чекорот, така што ова е веќе трета нова работа годинава којашто ја добива одделот за патологија. Пред три месеци доби нов микроскоп „никон“, добија и ново водено купатило, еве денес го добиваат апаратот „микротом“, кој е од исклучително значење за нивната работа. Во тек се последните постапки за набавка и на нов ткивен термостат, бидејќи претходниот е од седумдесетите години на претходниот век, така што со ова ќе заокружиме еден голем дел од работата на одделот за патологија“, истакна Ален Георгијев, директор на Клиничка болница Штип.

Заради зголемениот обем на работа, како и опслужувањето на регионот, новиот апарат е од огромно значење за одделот на патологија, а истиот не е сменет од 1976 година.

„Со тој инструмент се процесуира ткиво на дебелина 0,4 mm за да биде погодно за микроскопирање. Тоа во однос на стариот апарат е отприлика како автомобил од пред 30 години и денешна автомобил. Ете, толку.“, додаде Слободан Рогаќ, началник по оддел патологија Штип.

Вредноста на овој нов апарат е околу 14 илјади евра и е набавен со средства од Буџетот на Клиничка болница Штип. Првично, истиот не бил планиран за оваа година, но со вистинската потреба од истиот, се променил планот за јавни набавки и овој апарат се нашол на списокот на приоритети.

Лаура Стојанова МНет