
Се поставуваат штандовите на новото шеталиште во Штип, во завршна фаза е местењето на бината, се прават последните подготовки за почетокот на овогодинешното издание на манифестацијата Штипска Пастрмалијада. На нова локација со цел гостите да се запознаат со суштината на самата манифестација, да се посетат повеќе угостители и да се изедат рекорден број пастрмајлии. Градоначалникот, Иван Јорданов, посочи дека на ваков начин со дневни и вечерни настани се враќа духот на пастрмалијадата и ќе има настани за сите генерации.
„Суштината на одржување на оваа манифестација е сите гости од страна кои ќе дојдат и ќе престојуваат во Штип да ги посетат угостителските објекти да ги посетат и останатите објекти кои се во центарот на градот затоа што преку ваквата манифестација ние го стимулираме локалниот развој. Да овозможиме сите гости кои ќе дојдат од страна да имаат анимација во текот на целиот викенд со цел гостите да ја видат вистинската убавина на Штип. Од она што го имавме до сега е дека на досегашната локација имавме само вечерашни концерти, а ја изгубивме суштината на пастрмлаијадата.“ – вели Јорданов.
Почнувајќи од денес па се до завршување на пастрмалијдата затворени за сообраќај ќе бидат дел од улиците во централното градско подрачје. Јорданов во оваа прилика упати апел до штипјани да имаат разбирање и да бидат трпеливи со цел манифестацијата да помине во најдобро светло.
„Дел од централното подрачје ќе биде затворено за сообрачај така да ќе имаме отежнато движење со автомобили па ја користам оваа прилика да апелирам до штипјани да бидат трпеливи.“ – додава Јорданов.
Штипската пастрмалијада започнува утре точно напладне на шеталиштето Ванчо Прќе каде ќе се сече и џиновската пастрмајлија. Ќе бидат поставени редари кои ќе ги упатуваат гостите соодветно да ги паркираат своите возила на слободните зони. Се очекува одлична забава, позитивни вибрации и многу изедени пастрмајлии.
Лаура Стојанова М-Нет