Основниот кривичен суд Скопје денеска ја објави пресудата во предметот против поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска, изрекувајќи ѝ единствена условна казна затвор од една година за кривичните дела оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Судот ја прогласи Димитровска за виновна за оддавање службена тајна, за што ѝ утврди казна затвор од осум месеци, како и за компјутерски фалсификат, за што ѝ е утврдена казна затвор од шест месеци. За двете кривични дела изречена е една единствена казна затвор во времетраење од една година, која нема да се изврши доколку обвинетата во наредните три години не стори ново кривично дело.
На обвинетиот М.С. соопшти судот, му се определува условна осуда, односно казна затвор во траење од 6-шест месеци и истовремено се определува дека оваа казна нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од 2-две години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело, додека обвинетата Б. П. Се ослободува од обвинение.
Во образложението на пресудата, е наведено дека секое оддавање податоци и информации не само што го урива интегритетот на ДКСК туку претставува и повреда на службената должност.
Нагласено е дека претседателот на ДКСК не само што раководи со работата на Комисијата, туку е и олицетворение на довербата во јавноста.
На завршните зборови одржани на 8 јули, Обвинителството побара осудителна пресуда, посочувајќи ја функцијата на Димитровска како отежнителна околност, додека одбраната бараше ослободителна пресуда со тврдење дека не се понудени докази што ја потврдуваат вината на обвинетите.
Странките имаат право на жалба на пресудата до Апелациониот суд во рок од осум дена.
Текстот Поранешната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, доби условна затворска казна од една година е превземен од МАКФАКС.