Попов: Одговорните економски политики даваат резултат, јавниот долг се намалува и изнесува 58,8 проценти од БДП

Најновите официјални податоци уште еднаш потврдуваат дека одговорните и домаќински политики на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, даваат конкретни резултати. Јавниот долг во вториот квартал од 2026 година изнесува 58,8 проценти од БДП и бележи намалување од 0,1 процентен поен во однос на претходниот квартал годинава. Во апсолутен износ намалувањето е за 21 милион евра, додека долгот изнесува 10.726 милиони евра, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов.



„Споредено со состојбата на јавниот долг на крајот на 2024 година имаме намалување од 2,6 процентни поени, додека пак во однос на крајот на 2025 намалување од 0,6%.

Овие бројки се доказ дека јавните финансии се стабилизираат и дека државата се движи во вистинска насока.

И покрај сервисирањето на значителни обврски наследени од минатото, како што е Еврообврзницата во вкупен износ од 700 милиони евра издадена во 2020 година, Владата успева истовремено да ја зачува финансиската стабилност, редовно да ги исполнува обврските и да инвестира во проекти од значење за граѓаните.

За ВМРО-ДПМНЕ задолжувањето никогаш не е цел само по себе, затоа што важно е средствата да се вложуваат во капитални инвестиции, модерна инфраструктура, здравство, образование и проекти кои создаваат економски раст, нови работни места и повисок животен стандард.

ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со одговорни економски политики, строга фискална дисциплина и домаќинско управување со јавните средства, со цел стабилна економија, повеќе инвестиции и подобра иднина за сите граѓани“, изјави Попов.

Текстот Попов: Одговорните економски политики даваат резултат, јавниот долг се намалува и изнесува 58,8 проценти од БДП е превземен од МАКФАКС.