Поплавата ја уништи издавачката куќа „Антолог“: „Загубата, и материјално и емотивно, е неверојатно голема“

Десетици илјади книги, инвентар, техника и возила на издавачката куќа „Антолог“ се целосно уништени во вчерашното невреме што го зафати Скопје. Од таму велат дека целосно се поплавени магацинските простории и дека загубата е неверојатно голема.

„Драги Антологџии,
„Антолог“ каков што го познавате и го сакавте – повеќе не постои.
Огромното невреме што вчера ги погоди Скопје и реонот на Кисела Вода и јавната канализациска инфраструктура што ја немаме или е несоодветно изведена, доведе до целосно поплавување на нашите магацински простории.
Загубата, и материјално и емотивно, е неверојатно голема.
27 години труд на генерации луѓе кои се вложија секој на свој начин во оваа издавачка куќа, во овој дом на книгата, се помножени со нула.
Десетици и десетици илјадници книги, возило, целосниот инвентар, техника, речиси сè е неповратно уништено.
Визијата на една приказна во која сите заедно се вложивме и ја градевме – достоинствено, чесно, трудољубиво, визионерски, искрено, пасионирано, со љубов од дното на душата и секогаш, буквално секогаш, постепено – скала по скала, страница по страница, ден по ден, сон по сон, се распадна.
Срцето ни е скршено, се чувствуваме целосно поразени.
Тие неколку часа додека напразно чекавме кој било каде што се јавивме да дојде да помогне во обидот да се справиме со водената стихија, го одзедоа нашето минато, сегашност, а најверојатно и иднината.
Благодарност до Министерството за внатрешни работи но и до сите поединци – физички лица – што вчера беа со нас на терен и колку што можеа ни даваа поддршка, немо гледајќи го тоа што никому не пожелуваме никогаш да го види со очи во својот живот.
Господ напомош!“, објавија од „Антолог“.

фото/Depositphotos

Текстот Поплавата ја уништи издавачката куќа „Антолог“: „Загубата, и материјално и емотивно, е неверојатно голема“ е превземен од МАКФАКС.