Повторно отворен регионалниот пат Кочани – Зрновци

Повторно пуштен во употреба регионалниот патен правец Кочани – с. Зрновци.
Патот беше во прекин вчера поради излевање на коритото од Оризарска река Масалница во село Грдовци, а по повлекувањето на водата и стабилизирање на состојбата на теренот, сообраќајот денеска се одвива нормално и без ограничувања.

Според извештајот на Центарот за управување со кризи, во Општина Кочани е забележан значително зголемен водостој на реките и каналите во полскиот дел. Кочанска река имала локално излевање кај селото Горни Подлог, каде интервенира Комуналното ЈП „Водовод“ Кочани со механизација.

Зрновска река се излеала пред вливот во реката Брегалница, додека Оризарска река се излеа кај селото Грдовци, каде состојбата беше најкритична. Поплавени беа неколку подрумски простории на куќи, а Водостопанство „Брегалница“ интервенираше со тешка механизација. Поради безбедносни причини, МВР вчера го забрани сообраќајот на одредени патни правци.

Злетовска река и реката Брегалница имаат зголемен водостој, но засега нема излевање. Водостоите во горните текови се стабилизираат и имаат тенденција на опаѓање, додека во средните и долните текови состојбата останува внимателно следена.

На патниот правец Македонска Каменица – рудник САСА, поради одрон, сообраќајот се одвива по една коловозна лента, а во Општина Пробиштип, поради излевање на реката Киселица, сообраќајот е отежнат на патот меѓу селата Неокази и Петришино.

Иван Митев, М-Нет