Општина Штип ја одбележува Европската недела на спортот: Натпревари во футсал и баскет 3х3

Општина Штип се приклучува кон одбележувањето на Европската недела на спортот, со активности посвети на промоцијата на спортот, физичката активност и активното учество на младите.

Во рамките на одбележувањето, во четврток со почеток од 10 часот, во спортската сала на Државното средно училиште „Коле Нехтенин“, ќе се одржат натпревари во футсал и баскет 3х3.

На спортските терени ќе се натпреваруваат ученици од СОУ „Славчо Стојменски“, ООУ „Ванчо Прќе“ и ДСУ „Коле Нехтенин“, кои преку спортот ќе имаат можност да го покажат својот тимски дух, борбеност, посветеност и фер-плеј.

Од општина Штип посочуваат дека ваквите активности имаат цел да ја поттикнат физичката активност кај младите и да ја истакнат важност од создавање здрави животни навики уште од најрана возраст.

Европската недела на спортот е можност спортот да ги обедини младите, но и преку натпреварите и дружењето да се испрати порака за значењето на активниот и здрав начин на живот.

Со футсалот и баскет 3х3, Штип и оваа година испраќа порака дека спортот има значајно место во развојот на младите, не само преку физичка активност, туку и преку градење на тимски дух, дисциплина, пријателство и почитување на противникот.

Александар Ванев, М-Нет