
„Општина Штип претставувана од градоначалникот склучила договор за пијалоци и засладувачи во висина од 283.000 денари или скоро 5.000 евра!. Во време кога компаниите ги отпуштаат вработените, кога народот мака мачи како да го помине скапиот ден, Општина Штип расипнички ги троши парите на граѓаните.
Иако деновиве сме сведоци како централната власт посочува дека фалат пари во државниот буџет, сепак тоа не ја спречува локалната власт во Штип да се луксузира и да го потроши и последниот денар на граѓаните. Оваа набавка е уште една од низата на непродуктивни трошење во кризен период. Меѓутоа, и оваа набавка ја потврдува неспособноста на локалната власт за менаџирање со локалниот буџет. Очигледно е дека СДС нема намера да се откаже од своите навики за расипничко трошење, а одговор за ваквите навики секако треба да дадат градоначалникот и Општина Штип“ – изјави на конференцијата за печат Игор Ефтимов, портпарол на ОК ВМРО ДПМНЕ Штип.
Со одговор на кажаното на прес конференцијата на опозицијата излезе штипската локална самоуправа:
-„Навистина ни е жал што во ВМРО-ДПМНЕ во ова тешко време се занимаваат со манипулација со веќе завршени постапки кои биле започнати еден месец пред прогласување на вонредната состојба во државата, односно на 20 февруари 2020.
И сето ова е спроведено по строго регулирани законски постапки, според закон за јавни набавки.
Во ВМРО-ДПМНЕ не можат да разберат дека овие постапки не значат потрошени пари, туку рамка до која Општината може да користи одредени услуги, што не мора да значи дека ќе бидат искористени. Трошоците на Општина Штип во овој момент се сведени на минимум.
За потсетување на јавноста, додека неспособното раководство на ВМРО-ДПМНЕ седи пред компјутер и бара јавно внимание, Општина Штип и градоначалникот Благој Бочварски обезбедија:
1. Досега преку 14 илјади маски за сите институции
2. 500 пакети за социјално загрозени семејства
3. Средства за дезинфекција
4. Пунктови за дезинфекција на возила
5. Мобилни тимови кои веќе помогнаа на повеќе 80 граѓани
6. Дезинфицирање на плоштади и јавни површини
7. Дезинфицирање на влезови во станбени згради и други институции.
Општина Штип продолжува да се бори со пандемијата и за нас врвен приоритет во овој момент е здравјето на граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ нека продолжи да биде камен на сопнување во нашите секојдневни напори, заедно со граѓаните да се избориме со оваа пандемија.“