
Одбојкарите на Штип УГД ја завршија својата прва европска одисеја, откако беа елиминирани во двомечот против италијанскиот гигант Милано во рамки на Челинџ Купот на ЦЕВ. Иако резултатот беше очекуван со оглед на разликата во квалитет и искуство, штипскиот клуб може да биде повеќе од горд на постигнатото.
Пласманот во главната фаза од Челинџ Купот претставува огромен успех и историски момент за ОК Штип УГД, кој за првпат се претстави на европската сцена. Од клубот истакнуваат дека резултатот против Милано не бил во прв план, туку самото учество и стекнатото искуство.
„Испишавме нова историја и горди сме на целиот наш колектив – од прв до последен“, порачаа од редовите на штипскиот тим.
Посебна благодарност беше упатена и до навивачите, кои во текот на европските натпревари му дадоа силна поддршка на тимот и придонесоа за празнична атмосфера во салата.
Во Штип веќе гледаат кон иднината и најавуваат уште поголеми амбиции и дострели во наредниот период, а од клубот ја искористија можноста да им ги честитаат Бадник и Божиќ на сите љубители на одбојката.