Одиграни првите пријателски кај второлигаши – тренерите со прва слика за тоа како течат зимските подготовки

Овој викенд беа одиграни првите пријателски натпревари кај второлигаши што беше прва слика за тоа како оди подигањето на формата односно да се види како течат зимските подготовки.

Оние второлигаши кои започнаа со подготовките веднаш по Божикните празници овој викенд ги одиграа првите пријателски натпревари, додека пак екипите кои стартуваа со подготовки нешто подоцна првите пријателски натпревари ќе ги одиграа во текот на оваа недела и викендот што доаѓа.

Осогово на домашен терен одигра пријателски натпревар против Детонит Плачковица, истиот заврши без победник, но и без погодоци. Тренерите Крсте Крстев и Горан Здравков ја добија првата слика за нивните екипи, како оди вклопувањето на новите засилувања, а притоа им се даваше шанса на сите фудбалери и се пробуваа комбинации.

Двете екипи во пролетниот дел ќе целат кон сигурен опстанок, кој ќе сакаат да го потврда порано и да влезат во мирна завршница од второлигашкиот шампионат.

За разлика од Кочани, во Гевгелија се одигра пријателски меч кој заврши исто така без победник, но беа постигна два погодоци – 1:1 на Кожуф и Беласица.

Ова беше прв тест за овие две екипи кои се предводени од Иван Варадиновски односно Панче Стојанов, а кои екипи по неколкуте засилувања кои ги промовираа во претходните денови сега имаа можност да видат како оди вклопувањето на истите.

За Кожуф гол постигна Албан Мемеди, додека пак за Беласица стрелаше Борјан Поповски.

Овој викенд на пријателските натпревари кај второлигашите и третолигаши најмногу голови беа постигнати во Валандово, таму пак, третолигашот Победа со убедливи 3:0 го декласираше второлигашот Вардар Неготино.

Иако се работи за контролен меч, сепак Победа Валандово покажува квалитет со својот млад тим и најавува сериозна борба за влез во Втора лига, а пак од друга страна првиот контролен меч за второлигашот од Неготино е јасен сигнал дека ќе треба многу да се работи околу подигањето на формата, конкуренцијата во тимот со цел да се избори опстанокот во Втора лига, што е задача на Вардар Неготино.

Столе Наков со два погодоци обезбеди предност од 2:0 на полувреме, а во вториот дел со голот на Мите Станков, Победа Валандово стигна до конечните 3:0.

Пријателски меч одиграа и второлигашите Тетекс и Скопје, меч на кој немаше победник, а имаше два погодоци за конечни 1:1. За „штофарите“ стрелец на голот беше Фатљум Селмани.

Ова беше можност да се види како течат подготовките и кај овие две екипи кои ќе имаат сосема различна цел во пролетниот дел. Тетекс ќе цели кон опстанок во Втората лига, а пак Скопје ќе цели кон враќање во Првата македонска фудбалска лига.

Пролетниот дел од Втората македонска фудбалска лига започнува на 21 февруари со мечевите од 16 коло.

Александар Ванев, М-Нет