
Во рамки на 16. коло на Првата ракометна лига, а во рамки на групата А екипата на Металург РА доживеа голем пораз од Мулти Есенс со резултат од 19:29, Кичево забележа триумф против Овче Поле од Свети Николе на домашен терен со тесен резултат од 22:21.
Кај домашниот тим се истакна Стефан Стефаноски со пет гола, додека пак кај тимот од Свети Николе, Димитар Минов постигна осум гола кои не беа доволни за триумф.
Јехона на домашен терен немаше сили да парира на Еурофарм Пелистер 2 кој со 24:40 забележа уште една висока и убедлива победа. Ненад Белистојановски го водеше тимот од Битола до голема победа со девет гола, кај домашниот тим се истакна Мојсие Тасески со десет реализации.
Во оваа група битолчани се први со максимални 26 бодови, а Мулти Есенс е втор со 19 бодови, на дното е струмички Астраион со четири бода.
Ракометарите на Текстилец УГД на домашен терен во Штип забележаа нов пораз откако загубија со високи 28:35 од ракометарите на Драчево.
Штипјани парираа во првиот дел од мечот и се играше гол за гол, кога Драчево се обидуваше да се одлепи при 7:10, а потоа и при 12:15, а на полувреме имаше 13:16. Во вториот дел разликата се зголемуваше и конечниот исход беше 28:35.
Кај Текстилец најмногу се истакна Јован Атанавоски со седум гола, а кај Драчево со десет гола се истакна Ѓорѓи Дука.
Реми на ланскиот суперлигаш Вардар Неготино и Младост од Богданци откако двете екипи одиграа 30:30. Гостинот од Богданци отвори одлично кога имаше серија од 0:6, а потоа и 2:10. Потоа тимот од Неготино се разбуди и заигра подобро и на полувреме имаше негатива од 13:17.
Во вториот дел одново Младост имаше постојана разлика од три до четири гола, по што Вардар Неготино влезе во серија и дојде и до 28:28, па во финишот од мечот двете екипи постигнаа по два гола за 30:30 и поделба на бодовите.
Мирослав Митевски со 13 гола беше најдобар стрелец за домашниот тим, но и на самиот меч, а пак кај гостинот од Богданци се истакна Димитар Пеев со шест реализации.
Македонија ЃП без проблеми со 25:36 го декласираше „фенерџијата“ Преспа Вардар.
Лидер во групата Б сега е Македонија ЃП со 23 бодови, Младост е втор со 22 бода, 21 има Драчево кој е трет, по 18 бодови имаат Вардар Неготино и Скопје, а пак Текстилец е претпоследен со само четири бодови.
Александар Ванев, М-Нет