Новиот второлигаш Камјани гради квалитетен тим, дебитантот во Втора лига ги „запали моторите“

ФОТО: ФК Камјани

Дебитантот во Втората македонска фудбалска лига, Камјани, сериозно пристапи кон градењето на ростерот за новата сезона, а тоа се потврдува и преку серијата засилувања кои овој тим ги промовираше, но притоа се работи за сигурни и проверени имиња, кобинација од искуство и младост.

Ново име во таборот на Камјани е Веби Ислами, кој доаѓа како позајмен играч од прволигашот Струга Трим Лум, а претходно, настапуваше за тетовска Шкендија од каде и ја започна кариерата, а минатата сезона како позајмен играч го носеше дресот на Кожуф од Гевгелија. Ислами е 20-годишен талентиран фудбалер.

Ново име во тимот на Камјани е Бесарт Реџепи, фудбалер кој потекнува од академијата на Тетово, а низ неговата кариера 26-годишникот настапуваше за прволигашот Арсими од каде доаѓа во редовите на Камјани, беше дел од Воска Спорт, Борец, Дрита и Гостивар.

Претходно, Камјани ги претстави Арбин Курти, како и искусните Љупчо Трпески и Арсим Љамалари, а беа претстави и Индрит Шакири, Бујар Абази, Албион Муслиу, Арџент Зибери и Амин Шаќири.

Екипата на Камјани минатата сезона беше шампион во Трета лига – Запад, а потоа преку бараж го совлада тимот на Победа Валандово на Градскиот стадион во Штип и испиша историја пласирајќи се во Втората лига.

Инаку, Камјани веќе означи и старт на подготовките и тимот е во тренажен процес, а ќе бидат одиграни и неколку пријателски натпревари за проверка на формата.

Новата сезона која започнува на 15 август Камјани ќе ја отвори во Битола против ланскиот прволигаш Пелистер.

Александар Ванев, М-Нет