Низа проекти предвидени за реализација во следниот период во Општина Карбинци

Во Карбинци ќе се гради нова градинка, во Таринци ќе се реконструира училишна зграда. Низа проекти ќе се реализираат во Општина Карбинци, истакна градоначалникот, Виктор Паунов. Документација за проектите веќе подготвува Општина Карбинци, а во следниот период тамошните жители ќе добијат уредени населени места и решение на дел од проблемите.

„Она што го ветивме во програмата пред изборите веќе почнуваме да го реализираме. Станува збор за покрупни проекти од различна област. Во с. Крупиште веќе нарачавме проект и проектни документации за изградба на повеќенаменско игралиште. За с. Долни Балван веќе изработуваме проект за регулација на одводниот канал „Герен“ со партерно уредување на местото сред село. Овој проект е исто така важен за регулацијата на овој канал и за ликот на Долни Балван. Исто така, порачавме уште еден проект, а тоа е доградба и реконструкција на училишната зграда во с. Таринци, со што ќе добиеме еден нов лик, едно ново училиште на оваа локација. Она што е за најмалите е нова детска градинка на територија на Општина Карбинци т.е. во с. Карбинци. Новата градинка ќе биде со капацитет од 100 деца, во прва фаза од 50 деца со можност за продолжување за капацитет од 100 дечиња“, истакна Паунов.

Како што додаде Паунов, со работа ќе се почне штом проектите ќе ги добијат на маса. Дел од проектите ќе бидат финансирани од буџетот на Општина Карбинци, а за дел од нив ќе се бара финансиска поддршка од програмите коишто ги нудат ресорите на министерствата во чија дејност се наведените проекти.

Ребека Спасова МНет