Немањето законска регулатива е проблем за развој на социјални претпријатија во државата

Иако младите луѓе прават напори за развој на социјалното претприемништво, кај нас проблем е нерегулираната законска легислатива. Универзитетскиот професор, Страшко Стојановски, вели дека предлог-законот за социјално претприемништво не треба да остане само на зборови, како што е од 2015 година, туку треба да се направат дополнителни напори.

„Постои една синтагма која вели „дај ми риба“, а друга вели „научи ме да ловам риба“. Законот за социјална заштита е димензиониран да ги научи луѓето да добиваат социјална помош Единиците на локалната самоуправа немаат доволно средства, а знаеме дека во делот на поддршката на социјалните претпријатија, барем иницијално се потребни одредени грантови за ваква активност. Не е доволно само да се препознае, туку е потребна дополнителна регулација“, истакна Стојановски.

Во Штип и регионов веќе во голема мера се развиваат успешни приказни на социјални претпријатија, а младите луѓе кои се најактивни во овој поглед, со свои вештини овозможуваат одржливост на истите.

„Бидејќи сѐ уште немаме законска регулатива, немаме закон којшто е предлог-закон во исчекување од 2015 година. Сепак, има социјални претпријатија коишто ги мапираме. Во Штип веќе започнува една градинка на отворено, а има и едно социјално претпријатие коешто работи со отпадокот од текстил“, истакна Сања Манчева, претседател на Здружение за развој на социјалното претприемништво „Ко-креатори“ – Штип.

Работилницата на тема „Социјално претприемништво“ се одржа во Правиот факултет, а средношколци и студенти од прва година со помош на веќе дипломирани студенти учеа за основните принципи на формирање социјално претпријатие. Правниот факултет продолжува со вакви слични активности.

„Денес имаме настан којшто е врзан за претприемништвото и ќе биде работен во групи со цел да бидат подобро запознаени, но и да им се унапреди нивното базично познавање. Наредната недела повторно имаме настан на којшто средношколците ќе ги запознаеме со слободата на говорот и говорот на омраза од друга страна“, истакна Ана Здравева, универзитетски професор.

На денешната работилница учествуваа средношколци од кочанското средно училиште „Љупчо Сантов“, како и од штипската Гимназија и училиштето „Коле Нехтенин“ во Штип. Материјата ја усвојуваа заедно со професори и веќе дипломирани студенти на Правниот факултет.

Ребека Спасова М-Нет