Неизвесна трка на пет екипи за есенски шампион во Трета лига регион 3

Трката за есенски шампион во Трета лига регион 3 се разгорува дури пет екипи влегуваат во комбинација да се искачат на врвот пред да заминат на зимска пауза.

Победа Валандово е најблиску до таквиот чекор, а во трката влегуваат Каменица Саса, Хоризонт Турново и Малеш, а пак второпласираниот Огражден бидејќи има меч повеќе од Саса и Турново и дури два повеќе од Победа и Малеш не зависи сам од себе.

Победа Валандово на одиграни шест меча има 16 бодови, со ефект од пет победи и едно реми, додека пак Огражден е втор со 16 бодови, но има одиграно осум мечеви со ефект од пет победи, едно реми и два порази.

Ланскиот второлигаш Каменица Саса е на третото место со 13 бодови, со тоа што „рударите“ од Македонска Каменица имаат одиграни седум натпревари со ефект од три победи и четири ремија. Бод помалку има некогашниот прволигаш Хоризонт Турново со 12 бодови од седум мечеви, а на кои поранешниот вицешампион на Македонија има три победи, три ремија и еден пораз.

Тимот на Малеш од Берово игра во одлична форма во однос на претходните сезони со три пбоеди две ремија и еден пораз од шест меча има 11 бодови.

Тоа што Малеш од Берово има два меча помалку од кој еден е одложениот со Победа Валандово, кој доколку се добие тогаш тимот од Берово ќе биде во многу добра ситуација да ги стигне „калинкарите“.

Ако дојде до пораз на тимот од Валандово свој момент ќе чекаат Саса и Турново, а тоа што „калинкарите“ имаат уште еден меч помалку им дава простор за да го добијат истиот и да се задржат на првата позиција.

Овче Поле излезе од „шините“ кои водат кон првото место, бидејќи тимот од Свети Николе има две победи, три ремија и два порази со девет бодови од седум меча за шесто место.

Девет бодови има и Дојранско Езеро колку што има и Овче Поле за седмо место, а пак ударник е осми со осум бодови, на деветтото место е Брегалница од Делчево со седум бодови.

Ланскиот второлигаш Слога од Виница е на десеттото место со пет бодови, а на дното е Карбинци како единствен тим кој нема освоено бодови.

Првопласираниот тим обезбедува бараж за влез во Втора лига.

Александар Ванев, М-Нет