Најмногу тужби против МВР и Министерство за одбрана, близу 2000 работни спорови во Судот

Полицајци и војници најчесто ги тужат матичните министерства. Споровите за работни односи во Основниот суд во Штип достигнуваат бројка и до 2000 предмети, а најтужени инстутции, вели претседателот на Судот, Ѓорѓи Андонов, се Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана.

„Моментално во нашиот Суд имаме постапки коишто се водат од областа на работните спорови, коишто навистина се во значителен број. Веќе неколку години наназад доминираат бројки од над 1000, 1500, па дури сме доаѓале и блиску до 2000 предмети во областа на работни спорови. Најчесто таму тужени се Министерството за одбрана, МВР, меѓутоа и други институции“, вели Андонов.

Целата постапка ја отежнува големиот број на предмети на кои треба да работат судиите, но и тоа што се случува да имаат проблеми со прибавување на потребната документација. Дел од факторите за одлговлекување на постапката се надворешни, што ја отежнува работата на Судот.

„Бројката на овие предмети претставува еден товар за нашиот Суд, бидејќи колегите коишто постапуваат се оптоварени со огромна бројка на предмети од работни односи, а се должни да постапуваат по нив во законски пропишани рокови. Бројката на тие предмети, пак, предизвикува подоцна и одолговлекување на судската постапка. Морам да кажам дека не често, меѓутоа се случува, имаме проблеми и со прибавување на потребна документација, прибавување на вештачење. Сето тоа се фактори коишто во конечно влијаат на должината на постапката, а не зависат од работата на Судот“, додава Андонов.

Во 2022 година, од граѓанскиот оддел кај работните спорови примени се нови 1193 предмети, од кои решени се 943 предмети. Вкупно во работа во претходната година биле 1987, а нерешени останале 1044 предмети.

Ребека Спасова М-Нет