
Учениците од тригодишната угостителско – туристичка струка во СОУ „Коле Нехтенин“ во Штип дополнителната четврта година ќе ја завршат со редовна настава. Со согласност од Министерството за образование и наука, како и Советот на Општина Штип, училиштето ќе формира паралелка со профил угостителски техничар, каде наставата оваа година ќе ја слушаат 11 ученика.
„Ние од стручниот актив на оваа струка имавме иницијатива да направиме промена на хотелско – туристички техничар во профил угостителски техничар, којшто на пазарот на трудот е повеќе баран. Во меѓувреме, имавме и барање од родители, нивните ученици наместо вонредно, да изучуваат редовно четврта година. Од МОН по една подолга процедура, ни беше одобрено ова барање, со тоа што оваа паралелка ја бараме само за оваа учебна година. Наредната година доколку повторно има барање од ученици, ние повторно ќе ја поминеме оваа постапка“, истакна директорката на училиштето, Јованка Шалева.
Меѓутоа, професорите ќе реализираат настава волонтерски. Условот од МОН е за реализација на наставата во оваа паралелка да не се бара надомест за професорите, што за дел од советниците е досега нечуена одлука.
„Имавме услов од МОН, дека ни одобруваат да ја формираме оваа паралелка, сега со 11 ученика, меѓутоа да не бараме финансии за оние наставници коишто ќе ја одржуваат наставата“, додава Шалева.

„Согласноста што ја дава МОН, според мене, е нечуена и непозната досега. Се дава согласност, а без да се обезбедат финансиски средства за реализација на овој образовен профил, што неминовно има финансиски импликации. Товарот се префла врз училиштето, односно наставниците треба да ги реализираат овие часови волонтерски“, истакна советничката Лидија Горачинова – Илиева.
Во училиштето „Коле Нехтенин“ во рамки на угостителско – туристичката струка се изучува образовниот профил келнер – готвач со тригодишно траење. Со завршувањето на тригодишното образование, досега учениците вонредно го изучуваа профилот хотелско – туристички техничар и на тој начин завршуваа четиригодишно образование. Одлуката за редовна настава е само за оваа учебна година.
Ребека Спасова М-Нет