Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски порача дека идентитетските прашања не треба да бидат пречка за европската иднина на регионот и оцени дека силните национални идентитети не се градат преку негирање или напади врз идентитетот на другите народи.
Говорејќи денеска во Софија, каде учествува на Состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), Муцунски нагласи дека во Европа во 21 век треба да преовладува меѓусебната почит и прифаќањето на различностите.
„Јас сум цврсто убеден дека силните идентитети немаат потреба да се градат преку напади на туѓите идентитети. Напротив, во Европа во 21. век треба да имаме капацитет да ги славиме нашите различности, да се почитуваме и да не се врзуваме со прашања поврзани со историјата, идентитетот и јазикот, туку да гледаме кон заедничката иднина која нѐ обединува“, изјави Муцунски.
Осврнувајќи се на односите меѓу Македонија и Бугарија, министерот оцени дека двете држави имаат заеднички интерес да напредуваат во процесот на европска интеграција.
Тој истакна дека постои простор за продлабочување на соработката во повеќе области, вклучително одбраната, безбедноста, економијата и образованието, додавајќи дека случувањата од последните години создаваат непотребни поделби меѓу двата народа.
„Сите овие случувања од последните години вештачки ги двојат народите на двете држави, но значајно е да имаме поглед кон иднината и да не се врзуваме за прашања од минатото“, рече Муцунски.
Во однос на договореното решение од 2022 година, тој посочи дека Скопје и Софија имаат различни толкувања за обврските што произлегуваат од него, нагласувајќи дека напредокот е можен само врз основа на меѓусебна доверба.
Министерот Муцунски во Софија учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите во рамки на бугарското претседавање со Процесот за соработка на Југоисточна Европа.
Текстот (Видео) Муцунски од Софија: Силните идентитети не се градат преку напади врз туѓите е превземен од МАКФАКС.