Министерство за здравство: Намалување на бројот на нови пациенти во Гостивар

Од вчерашниот ден се забележува почетно намалување на бројот на новопрегледани пациенти со симптоми на гастроентероколит, односно пациенти кои првпат побарале лекарска помош, информира Министерството за здравство за епидемиолошката состојба на подрачјето на Гостивар.

Кумулативно, во Општа болница Гостивар досега се евидентирани 1.554 пациенти, а во Здравствен дом Гостивар 1.392 пациенти. Четирите лица, кои беа хоспитализирани веќе се пуштени на домашно лекување. Досега се доставени 140 формални пријави, кои се обработуваат од епидемиолошките тимови на ЦЈЗ Тетово и Институтот за јавно здравје, и се спроведени 81 епидемиолошка анкета.

Извор: Министерство за здравство

Во однос на дневниот тренд на новопрегледани пациенти, податоците покажуваат дека во текот на вчерашниот ден (19.07) се евидентирани вкупно 564 новопрегледани пациенти во болницата и здравствениот дом, што покажува намалување во споредба со претходниот ден кога биле евидентирани 649 новопрегледани пациенти и кога беше достигнат најголемиот број на новопрегледани пациенти во тек на еден ден.

Од Министерството потсетуваат дека клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна, и се спроведуваат сите потребни епидемиолошки, лабораториски и превентивни активности.

Министерството за здравство апелира граѓаните да ги следат официјалните препораки, да одржуваат редовна хигиена на рацете, а лицата со повраќање, дијареја, покачена температура или знаци на дехидратација навремено да побараат медицинска помош.

Текстот Министерство за здравство: Намалување на бројот на нови пациенти во Гостивар е превземен од МАКФАКС.