
Сензационален и неочекуван пораз на бранителот на двојната круна Форца од тимот на Мал Ајакс, последното есенско коло на Првата футсал лига го донесе најголемото изненадување во есенскиот дел.
Штипјани во меч со многу неизвесности и пресврти славеа со 5:6 и тоа во Куманово, со што Мал Ајакс стигна само до второто сезонско славје, а пак Форца го запиша вториот сезонски пораз, кој притоа значи и уште потешка мисија за одбрана на титулата.
Уште во првиот дел штипскиот тим успеа да анулира поголема резултатска предност на шампионот, откако Форца преку Иван Крстевски го отвори мечот по четири минути игра, а потоа Таулант Исмаили и Зоран Левески погодија за за 3:0 по десет минути. Мал Ајакс потоа успеа до крајот на првиот дел да направи комплетен пресврт, откако Давид Тошев, Ангел Белчовски и Иса Дурмишов со два гола обезбедија 3:4.
Во вториот дел Форца стигна до 4:4 преку Зоран Левески во 36. минута, но само минута подоцна Тошев со втор гол обезбеди нова предност од 4:5. Форца не се предаваше следуваше ново израмнување преку искусниот Зоран Левески, негов трет гол за 5:5 во 38. минута, но во завршните секунди од мечот Тошев со трет гол ги постави конечни 5:6 за огромно славје на Мал Ајакс кој приреди вистинска сензација.
Со овој пораз Форца ќе има сериозни проблеми во пролетниот дел во однос на конкурентот Проект, а пак Мал Ајакс запиша три важни бодови во трката за опстанок во елитата.
Во однос на останатите натпревари од деветтото коло на Првата футсал лига, Јувентус Серава со 11:9 славеше над дебитантот Балкан, а пак Кеги Моби со 1:3 го доби Шкупи во гости.
Вечерва се играат останатите две средби за комплетирање на последното есенско коло. Осогово ќе игра со Клими, а пак Бутел го чека непоразениот лидер Проект.
Александар Ванев, М-Нет