Македонскиот шампион Штип УГД на 21 октомври ќе дебитира во ЦЕВ Лигата на шампиони, првиот меч е во гости

Македонскиот одбојкарски шампион, Штип УГД, своето деби во Лигата на шампионите ќе го има на 21 октомври на гостински терен. Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) ги потврди термините на натпреварите од раната фаза од најсилното европско клупско натпреварување.

Штип УГД минатата сезона испиша голема историја – ја освои двојната круна за првпат во домашното првенство, а потоа го имаше и европското деби со настап во европските клупски купови, а во новата сезона ќе дебитира и во Лигата на шампионите, а во првото квалификациско коло штипјани ќе се соочат со холандскиот тим Орион Старс.

Првиот меч Штип УГД го игра на гости, на 21 октомври, во 20 часот, во „Топспортхал“ во Дутинхем, Холандија. Реваншот е на домашен терен во салата „Џексон“, во Штип, на 28 октомври во 18 часот.

Штип УГД зад себе ја имаше најдобрата сезона, за првпат ја освои шампионската титула во домашното првенство, а по третпат ја одбрани Куп титулата. Од друга страна, Орион Старс во холандиското првенство доминираше и без проблеми стигна до шампионската титула.

Победникот од овој двомеч меѓу шампионот на Македонија и на Холандија ќе продолжи во второто коло од квалификациите каде го чека словенечки АЦХ Волеј од Љубљана. Поразениот тим, пак, продолжува во второто по квалитет европско клупско натпреварување, ЦЕВ купот, но е слободен во првото коло и оди директно во 1/16 рундата.

Александар Ванев, М-Нет