„Изјавата на министерката за образование дека оваа учебна година ќе има најмалку 3.000 првачиња помалку е најтешката оценка за политиките на Владата. Ова не е само статистика, ова е аларм дека Македонија забрзано се празни“, велат од ЛДП.
„Додека министерката се обидува да ја претстави државната матура како успех, вистинското прашање е: кому ќе му предаваме утре, ако секоја година имаме илјадници деца помалку?
Не може да се зборува за успешен образовен систем кога училиштата остануваат без ученици, а младите ја напуштаат државата.
Демографскиот пад е директна последица на погрешните политики, економската несигурност, недовербата во институциите и отсуството на визија. Секоја година со помалку првачиња значи помалку млади луѓе, помалку работна сила и послаба иднина за Македонија.
Либерално-демократската партија предупредува дека ова не смее да се третира како обична бројка во извештај. Потребна е итна национална стратегија за демографска обнова и поддршка на младите како и донесување на конкретни мерки за создавање услови за граѓаните да останат и да ја градат својата иднина дома“, се наведува во соопштението на ЛДП.
Текстот ЛДП: Не се гордејте со просекот на матурата кога државата останува без деца! е превземен од МАКФАКС.