КУП: Брегалница против Тетекс, Осогово ја доби Беласица, Вардар ќе гостува кај Овче Поле

Утврден е распоредот и двојките за 1/16-финалето на Купот на Македонија за сезоната 2026/27, согласно пласманот на екипите во натпреварувачката сезона 2025/26. Во оваа фаза ќе се одиграат 15 натпревари, додека Силекс, како освојувач на Купот на Македонија за сезоната 2025/26, е слободен во 1/16-финалето и директно ќе настапи во 1/8-финалето.

Третолигашот Овче Поле во Свети Николе ќе го пречека најтрофејниот македонски клуб Вардар, третолигашот Победа во Валандово ќе игра со Струга Трим Лум, третолгигашот Крошу Спорт од Битола ќе се соочи со прволигашот Тиквеш.

Могила како третолигаш за противник го доби Аресими, првата фаза од Купот го носи и старото дерби на третолигашот БВК Коњари и прволигашот Башкими, Студеничани против Пелистер, третолгиашот Венец од Неготино против АП Брера Струмица, Влазними Јуниор со Македонија ЃП, ланскиот второлигаш Вардар Неготино против Работнички.

Второлигашот Каменица Саса за противник го има Шкупи, Тетекс ќе игра со штипскиот прволигаш Брегалница, Кожуф ќе биде домаќин на Скопје, Детонит Плачковица во Радовиш ќе игра со Шкендија 77 Арачиново, дерби на Новаци и Охрид, две екипи кои се соочија во првото коло на Втора лига, а реприза на мечот од првото коло ќе има во Кочани меѓу Осогово и Беласица.

Натпреварите од 1/16-финалето ќе се одиграат на 1 или 2 септември 2026 година. Исклучок се натпреварите Крошу Спорт Битола – Тиквеш и Могила – Аресими, кои ќе се одиграат на 24 септември, поради учеството на селекција од Битола на квалификациите за УЕФА Регионалниот куп во Босна и Херцеговина.

Екипите домаќини ќе можат натпреварите да ги организираат на стадиони кои се одобрени најмалку за одигрување натпревари од Втора МФЛ.

Согласно Пропозициите за Куп натпреварувањето на ФФМ за сезоната 2026/27, до финалето на Купот на Македонија ќе се игра само еден натпревар, односно нема да има реванш-средби. Доколку натпреварот заврши со нерешен резултат по истекот на регуларните 90 минути, веднаш ќе се пристапи кон изведување пенали, сè до добивање победник.

Ждрепката за 1/8-финалето на Купот на Македонија ќе биде извршена согласно Пропозициите за Куп натпреварувањето за сезоната 2026/27.

Александар Ванев, М-Нет