Кошаркарките на делчевски Патриот во Кавадарци по прва победа, дерби на Бадел и Баскет Кам од Македонска Каменица

ФОТО: КФМ

Третото коло во Првата женска кошаркарска лига се отвара со дербито меѓу Бадел и поранешниот шампион Баскет Кам од Македонска Каменица, дерби кое е закажано за сабота од 19 часот, а се игра во салата „Независна Македонија“ во Скопје.

Двете екипи имаат две победи од толку натпревари и максимални четири бодови, а ова ќе биде меч каде победникот од исходот ќе направи чекор кон тоа да го презеде врвот самостојно.

На последни десет меѓусебни пресметки Баскет Кам има седум победи, од кои шест во низа, а пак Бадел има три победи, со тоа што двете биле во низа.

Во недела од 14 часот во салата „26 Април“ шампионот Крива Паланка ќе ја бара првата сезонска победа против новајлијата Гевгелија. Шампионот не тргна според планот загуби два натпревари од конкуренти за титулата односно од Вардар и од Бадел, а сега ќе бара можност за прв триумф против Гевгелија, која има една победа и еден пораз по две кола.

Во Кавадарци ќе се одигра дерби од дното на табелата за прв триумф меѓу Пробаскет и Патриот од Делчево. Домаќинот ќе ја има фаворитската улога во салата „Јасмин“, а пак гостинот од Делчево ќе се обиде да дојде до позитивен резултат.

Колото се затвара со дуелот меѓу МЗТ Скопје и Вардар кој се игра во малата сала на „Јане Сандански“ во Скопје, а кој стартува во 18 часот.

МЗТ ќе се обиде да биде првиот тим кој ќе го победи Вардар кој има одлично отварање на сезоната, а со тоа да дојде до втората сезонска победа, а пак Вардар ќе сака продолжување на победничката низа за сочувување на првото место.

Александар Ванев, М-Нет