
Вертикалната сигнализација од средината на тротоарите да се дислоцира кон десната страна на тротоарот е потреба на лицата со оштетен вид како и лицата со попреченост за да може да се движат безбедно во Штип. Драги Витанов истакна дека овој и останатите проблеми со кои се соочуваат овие лица се прикажани пред актуелниот градоначалник на Штип и очекуваат да им се излезе во пресрет на нивните барања.
„Имаме јавни површини и институции каде сѐ уште не е до крај имплементиран тој дел или, конкретно, достапноста до самите институции. Преку лобирање до Советот на Општината, до јавните претпријатија сум разговарал да се дислоцираат сообраќајните знаци од тротоарот за да можат да бидат достапни за слепите лица и лицата во колички“ – кажа Витанов.
Витанов посочува и на потребата од звучна сигнализација на крстосницата во населба Сењак, како подостапен начин за користење на овие лица.
Колку јавните површини во Штип, како и институциите под Локална самоупрaва се прилагодени и достапни за лицата со попреченост, го прашавме првиот човек на градот, Иван Јорданов. Според него, се очекува во периодот кој следи да се реши оваа проблематика во градот.
„Најголем дел од јавните институции кои се под Локална самоуправа овде вклучувајќи ја општинската зграда, зградата на јавното претпријатие, училиштата веќе имаат приспособено места за лица со инвалидитет, додека, пак, на тротоарските површини кои се третираат на сите економски оператори кои ги изведуваат градежните активности им е посочено при изработката и при изведбата на градежните активности да се направи пристап за лицата со попреченост. Во периодот кој следи, ние сме фокусирани да ги приспособиме тротоарските површини да бидат безбедни за пешаците и за лицата со попречености“ – кажа Јорданов.
Деновиве се изведуваат градежни активности на тротоарските површини кај автобуската станица во Штип. Јорданов истакна дека по завршувањето на истите ќе има можност овој тротoар да го користат и лицата со инвалидитет. Истовремено, додаде дека сите пофреквентни локации ќе бидат третирани со тротоарски решенија, а тротари од догодина ќе добијат и штипските населби кои немале никогаш досега.
Лаура Стојанова М-Нет