
Од 100-300 денари им се потребни за храна на учениците за само еден ден. Безразлика дали купуваат сендвич, баничка, бурек или тост, минималната сума надминува над 100 денари. За едно дете да помине еден месец во училиште, само за храна се потребни отприлика 2000 до 3000 денари, пресметуваат граѓаните. Тие дополнително алармираат дека децата се принудени секојдневно да јадат брза и неготвена храна, што подоцна создава сериозни здравствени проблеми кај младите.
Порано со сто денари, учениците купувале вода, сок, бело печиво, десерт и имале целодневна ужина, тврдат граѓаните кои додаваат дека порано со малку пари се купувало многу повеќе. Во одделение биле и над 35 ученици, а знаењето и вредностите биле на поинакво ниво.
Како што растат цените во продавниците, така 100 денари вредат сè помалку во џебот на учениците. Наместо полни раце храна, денес децата за тие пари добиваат само една ситница, додека приказните за евтина и богата ужина остануваат само во спомените на постарите.
Ева Тушевска, М-Нет