Караколев: Проблеми во македонската кошарка се ладните сали и потиснувањето на домашните играчи од страна на странците!

Кошарката во Македонија не оди во нагорна линија вели кошаркарот Никола Караколев, кој настапува за штипски Соколи, а кој зад себе има професионална 20 година прволигашка кариера, кој е поранешен репрезентативец. Проблем се ладните сали, како и потиснувањето на домашните играчи од страна на странците, според Караколев.

„За жал не, не оди во нагорна линија од причини ладни сали, финансии, има некое правило со тие странци и моментално правило од четири странци, значи во Втора лига нема странци, но во Прва лига има странци. Правилото значи четири странци значи секоја екипа може да регистрира четири странци. Автоматски сега тренерот ќе дојде ќе си земе четири странци и еден домашен и тој ќе игра цел натпревар со четири странци и еден домашен, значи три четири домашни играчи ќе седат на клупа, се потиснати нашите играчи. Година, две, три кога ќе бидат потиснати тие играчи веќе на 20 години на 22 во пензија“, вели Караколев во гостувањето во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија.

Правилото за странци мора да се промени со цел повеќе шанса да имаат домашните играчи, вели Караколев.

„По мене не оди во нагорна линија мора нешто да се промени, а тоа за нешто да се промени значи од четири странци да се намали правилото на двајца, со кои автоматски ќе имам тројца мора да бидат домашни играчи и плус тие што ќе влегуваат од клупа како домашни играчи. На тој начин ќе има поголема посетеност во салите, поголеми финансии ќе има за домашните играчи, повеќе простор да се докажат да напредуваат. На овој начин со тоа правило од четири странци, нема даи ма напредок во македонската кошарка се додека тоа не се промени“, додава Караколев.

Еден од најголемите проблеми според искусниот Караколев се ладни сали низ цела држава, тој додава дека Соколи кој се натпреварува во Втора лига во Штип тренира и игра во топла сала.

„Најголем проблем мислам услови во македонската кошарка е да имаш топла сала, да имаш опрема и слично. Ние немаме топли сали, за разлика пак ќе кажам во Штип, ние моментално тренираме во топла сала, второлигашка екипа. Во МЗТ, Работнички, Гостивар нема топла сала, прволигашки екипи со амбиции и тоа имаат големи буџети од преку 300.000 – 400.000 евра. Пелистер има милион евра буџет, па некогаш има, некогаш нема. Штип Втора лига има топла сала. Но, пак кога ќе видеме генерално во Македонија нема топли сали, а тоа е нешто предуслов за резултат. За да дојдеш на тренинг, на натпревар, за да го изработиш и тренингот како што треба и слично ти треба да имаш услови. Услови можеш да имаш само на тој начин, ако немаш топла сала како ќе влезеш да тренираш да дадеш максимум, на ладна сала не дај Боже да скинеш мускул, може да се повреди“, рече Караколев.

Екипата на Соколи од Штип која се натпреварува во Втората кошаркарска лига оваа сезона води борба за да обезбеди влез во Прва лига, а искусниот Караколев е предводник на тимот кон таа цел со неговото искуство кое е клучно за успесите и кое искуство го пренесува на младите кошаркари.

Александар Ванев, М-Нет