
Штип и другите општини од Истокот, па и од цела држава ќе добијат средства од заемот од Европската инвестициона банка за подобрување на водната инфраструктура. Изминативе месеци до Министерството се доставени предлог-проекти од страна на Општините, за кои министерката Шукова вели дека во моментов се разгледуваат. Источниот Регион има доставено вкупно 50 проекта.
„Крајни корисници на средствата од заемот е Општините и Општините во градот Скопје и истите ќе се добиваат како донација за реализација на приоритетни инвестиции за водоснабдителни, канализациони системи, пречистителни станици, како и опрема која ќе биде во прилог на подобрување на водната инфраструктура на територија на општините. Имајќи ја предвид донесената Одлука, МЖСПП со секоја Општина ќе склучи договор за донација“, истакна Шукова.
Секоја од општините ќе добие по 200.000 евра подеднакво од заемот, а од останатата сума 16 милиони евра ќе бидат распределни согласно со индексот за општински развој и процентот на распределба по планските региони според степенот за периодот од 2018 до 2023 година. Од преостанатите 18 милиони евра 70% ќе се распределуваат во зависност од бројот на население во општините и 30% од бројот на населените места.
„Самите бројки покажуваат дека оваа распределба е развојна, бидејќи 46 општини, односно 58% ќе добијат средства помеѓу 500.000 и 1 милион евра, додека 28 општини, односно 35% ќе добијат средства од 500.000, шест општини кои ќе добијат повеќе од еден милион евра, што претставува 7% од вкупниот број на општини“, додава Шукова.
Вкупната вредност на заемот од Европската инвестициона банка за подобрување на водната инфраструктура на општините во државава изнесува 50 милиони евра и ќе се отплаќа од државниот Буџет.
Ребека Спасова М-Нет