
Пандемијата и затворањето на гранците го одложи патувањето на мечето Теди од ЗОО паркот во Штип во „Паркот на танцувачките мечки во Белица“ – Бугарија. Тригодишното мече скоро целиот живот го минува во кафез од 15ттина метри квадратни.

После скоро четиримесечни напори заврши процедурата, сите подготовки и документи се обезбедени, но заради затворање на границите, мечето Теди сеуште е во ЗОО паркот во Штип. Во напорите за обезбедување соодветни услови за живот на мечето, вклучена е организацијата „Четири шепи“ и Фондацијата „Брижит Бардо“ во чиј резерват во Бугарија ќе продолжи животот на ова мече. Се работи за резерват од 150 илјади метри квадратни каде има и други мечиња кои се на ресоцијализација, вели активистката и портпарол на скопската Зоолошка градина Тина Мицковска. Во постапката за спас на Теди беше вклучена и Агенцијата за храна и ветеринарство, надлежните министерства и штипската локална самоуправа.
Теди е во Штип од октомври 2017 година, како донација од др. Јовица Угриновски кој со операција го спаси мечето од смрт. Со тогашната локална власт било договорено откако ќе порасне, Теди да добие соодветни услови за живеење. Доктор Угриновски сиве овие години донира храна за мечето, но тоа заради тесното живеалиште често се повредува и е анксиозно.
Славица Величковска