Иста љубов, различни дресови: Сестрите Ива и Нина Дојчинова од Штип една против друга, Тим Арена го совлада Охрид

Изминатиот викенд започна новата сезона во Втората женска кошаркарска лига, а првото коло донесе посебна приказна од Охрид, каде домашниот состав беше поразен од штипска Тим Арена со резултат од 43:47.

Освен неизвесниот резултат, дуелот привлече внимание поради интересна средба на сестрите Ива и Нина Дојчинова од Штип, кои за првпат настапија една против друга, во дресовите на двата различни клубови.

Ива Дојчинова, која своите кошаркарски почетоци ги има во школата на Тим Арена, денес настапува за прволигашот Баскет Кам од Македонска Каменица, но со двојна лиценца игра и за Охрид. Токму затоа гостувањето на нејзиниот поранешен клуб имаше посебна тежина, бидејќи на спротивната страна се најде екипата во која ги направи првите кошаркарски чекори.

Дополнителна симболка на натпреварот му даде и првиот меѓусебен дуел на сестрите Ива и Нина Дојчинова. Иако ги поврзува истата љубов кон кошарката, овојпат беа на спротивните страни на теренот, секоја во своја задача и со желба да му помогне на својот тим.

На крајот, повеќе причини за задоволство имаше Тим Арена, која со победата од 43:47 победнички ја отвори новата сезона во Втората лига. Домашните кошаркарки се бореа до самиот крај, но не усепаја да го избегнат поразот во натпреварот кој, покрај спортскиот резултат, донесе и убава спортска приказна од салата „Глигор Прличев“.

„Иста љубов, различни дресови“ – пораката што најдобро го опиша овој дуел, во кој семејната поврзаност остана надвор од теренот, а на паркетот сестрите од Штип се најдоа во улога на противнички.

Александар Ванев, М-Нет