ИЗГОР ЦЕНИ НА ПАЗАРОТ ВО ШТИП – ГРАЃАНИТЕ РАЗОЧАРАНИ, ТОРБИТЕ ПРАЗНИ

Изгор скапи цени ги пречекаа купувачите на денешниот пазарен ден во Штип. Наместо полни торби, граѓаните си заминаа речиси празни, револтирани од високите цени на овошјето и зеленчукот.

Иако е почеток на месец, кога традиционално интересот за пазарење е зголемен, расположението на градскиот пазар беше сосема спротивно. Најмногу незадоволство предизвикаа цените на јаболката и зелката, кои достигнаа 70, односно 60 денари за килограм.

За толку порано земав цела кеса! Сега купив само две“, вели еден од купувачите, кој со разочарано лице излегуваше од пазарот.

Други велат дека повеќе немаат избор освен да купуваат по минимални количини, само за ден-два. „Секоја недела е поскапо. Ако вака продолжи, ќе почнеме дома да садиме“, коментира жена која денес купила само една зелка и неколку домати.

Од другата страна на тезгите, пазарџиите пак се бранат. Велат дека причината за високите цени не е кај нив.

„Сè поскапе – гориво, откуп, кирија за тезга, па дури и вреќичките. И ние едвај вадиме плата“, вели еден од продавачите.

Инаку овој петок најмногу се бараа и јагодите, но и свежата марула, достапни речиси на сите зеги на пазарот.

Иван Митев, М-Нет