
И од ОК на ВМРО ДПМНЕ обвинуваат за исушените цвеќиња во Општина Штип. Тие ова го нарекоа неуспешен експеримент. За истиот, според нив, ЈП „Исар“ и директорот, магистер за безбедност Здравко Коцев, склучувале бизнис зделки за народни пари со струмичките набавувачи блиски до власта.
„ЈП „Исар“ потрошило над три милиони денари за декоративни садници кои поради нестручноста на магистерот и неговата желба за презентација и пред се голиот политички популизам беа засадени среде лето. Следствено на тоа цвеќињата изгореа и се исушија, а парите се разбира се потрошија“ – истакна Душко Иванов, ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип.
Најголемиот проблем, според нив, е тоа што ЈП „Исар“ веќе извесен период има загуби. За истите сметаат дека се за сметка на блиските фирми на СДСМ и претседателот Заев.
„Исар не штедел кога од струмичките компании блиски до Власата набавувал цвеќиња за милиони народни пари. Поради бизнис зделките со цвеќињата јавното претпријатие си го растури својот расадник и сега во истиот нема цветен насад. “ – додадоа од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип.
Тие побараа и објаснување од директорот Коцев за тоа кој ќе сноси одговорност за загубите на ЈП „Исар“.
За нашиот вчерашен прилог Коцев посочи дека цвеќињата биле избрани неумешно, не знаејќи кои од нив можат да опстојат на високи температури. Сепак, посочи дека истите ќе бидат заменети и повеќе наводнувани. За денешниот прес на ОК на ВМРО ДПМНЕ, пак, тој немаше одговор.
Лаура Стојанова М-Нет