За неколку дена целосно ќе биде осветлен паркот „Кртеке“ во Штип

Паркот „Кртеке“ во штипската населба Суитлак ќе добие целосно осветлување. Активностите започнаа денес, а, според градоначалникот Јорданов, во следните неколку дена ќе се постави подземната инсталација, канделабрите и со тоа да се подобрат условите во еден од најпосетените паркови.

„Одлучивме целосно осветлување да направиме на паркот „Кртеке“, да се постават повеќе од 20 канделабри, дополнителна урбана опрема, обнова на веќепостоечката урбана опрема за да можат нашите сограѓани во летните месеци да го користат овој потег на градот, овој парк којшто се протега до самиот Суитлак, населбата Деснаци и Порта пролет“, истакна Јорданов.

Во завршна фаза е и адаптацијата на просторот во ОМЦ „Киро Глигоров“ кој од утре ќе биде кино-сала. Со тоа, како што вели Јорданов, целиот простор ќе добие една целина.

„Во завршна фаза веќе од утре се пушта и кино-салата „Киноверзум“. Овде е ЗОО Паркот „Бриони“, така што ова е еден прекрасен предел, прекрасен дел од нашиот град, којшто верувам дека нашите сограѓани ќе го користат“, додава Јорданов.

Проектот за осветлување на паркот „Кртеке“ е во вредност од 500.000 денари, пари обезбедени од општинскиот буџет.

Ребека Спасова М-Нет