Закажани натпревари во ракометната Суперлига, дербито го играат Алкалоид и Охрид, Радовиш домаќин на Куманово

ФОТО: Александар Ванев, М Нет телевизија

Последното 22. коло од ракометната Суперлига е закажано за вторник и среда со што ќе се комплетира регуларниот дел, а потоа ќе се игра плеј-оф и плеј-аут.

За вторник се закажани четири натпревари. Вардар како голем фаворит ќе игра против Струга во меч кој ќе започне во 17 часот, а во ист термин ќе започне и мечот во Кавадарци каде Тиквеш како фаворит ќе игра против Борец Ф.Л.

Во 18 часот екипата на Бутел на домашен терен ќе го пречека Пролет, а пак Прилеп ќе игра на домашен терен против шампионот Еурофарм Пелистер, каде битолчани ќе бидат апсолутни фаворити, а стартот е закажан за 19:30 часот.

Во среда на програмата ќе бидат два натпревари. Радовиш на домашен терен регуларниот дел го затвара против Куманово, во меч кој се игра во СРЦ „25 мај“, а ќе започне во 18 часот.

Еден час подоцна ќе започне и дербито на колото во Автокоманда, каде Алкалоид ќе игра против Охрид.

Веќе се познати и сите патници во плеј-офот и плеј-аутот, а последното коло ќе одлучи за врвот од табелата и пренесувањето на бодовите. Во плеј-офот ќе играат Еурофарм Пелистер, Алкалоид, Вардар, Охрид, Тиквеш и Бутел, а пак во плеј-аутот ќе бидат екипите на Пролет, Прилеп, Куманово, Борец Ф.Л., Струга и Радовиш.

Александар Ванев, М-Нет