
Женскиот ракометен клуб Овче Поле СУ од Свети Николе започна со подготовките за новата сезона во Првата лига. Клубот главната фаза од подготовките ќе ја реализира во Претор, каде како што посочуваат од клубот имале одлични услвии за работа, дополнувајќи дека се работи претежно на општа физичка подготовка.
Овче Поле СУ го склопи и ростерот за новата сезона во која одново ќе се атакува на позициите коишто водат кон влез во Супер лигата. Минатата сезона тимот од Свети Николе беше многу блиску од второ место и бараж за Супер лига.
Инаку, Овче Поле СУ го продолжи договорот со Стефани Ѓоргиева која минатата сезона настапуваше за кадетската екипа на Овче Поле СУ, а сега ќе биде дел од сениорската екипа и ќе го формира голманското трио со Дона Маркоска и Ивана Станчева.
Претходно, нови договори со тимот од Свети Николе потпишаа Јована Ангеловска, Јована Конева, Јана Ристовска, Викторија Димчева, а тимот се засили и со Натали Маџовска родена 2008 година, игра на позицијата лев бек, а доаѓа од кадетската екипа на Вардар, како и со Андонела Ангелковиќ родена 2013 година, игра на позицијата десно крило, а доаѓа од пионерската екипа на Спартак.
Клубот од Свети Николе се засили и со кружниот напаѓач Михаела Николовска која доаѓа од Куманово, како и со левото крило Стефанија Павловска.
Дефинитивно раководството на клубот од Свети Николе е решено да прави тим за влез во Супер лига.
Александар Ванев, М-Нет