Еурофарм Пелистер под водство на Червар ги започна подготовките, Кузмановски останува во Битола

Еурофарм Пелистер под водство на Лино Червар ги започна подготовките за новата сезона, екипата имаше и заедничка вечера за почеток на сезоната, а во текот на првите два дена ќе се реализираат и медицинските тестови.

Пред битолчани ќе биде борба за враќање на шампионската титула во домашниот шампионат, борба за Куп титулата, предизвици во Лига Европа, Регионалната лига.

Нови засилувања се Алекса Колаковиќ, Мартин Серафимов, Миха Котар, Омер Мехмедовиќ, Едвин Џелетовиќ, Малик Татар, Ненад Белистојаноски и Диего Басанесе, а од клубот си заминаа Усама Хосни, Богдан Радивојевиќ, Илија Абутовиќ, Домен Тајник и Дејан Манасков.

Во дресот на Еурофарм Пелистер останува и капитенот Филип Кузмановски.

„Среќен сум што останав во мојот матичен клуб и во мојот град, меѓу нашите омилени навивачи. Мислам дека оваа сезона ќе биде поуспешна од минатата, иако минатите години имавме некои забележителни резултати. Имаме многу нови играчи, со кои ќе мора да се воиграме, а и тие ќе треба да се адаптираат. Со доаѓањето на Лино Червар, мислам дека сите ќе имаат мотив повеќе и често ќе ја радуваме битолската публика, која секогаш ни дава максимална поддршка. Секој играч ќе биде максимално мотивиран. Червар ќе бара максимална посветеност и борба за секоја топка. Ќе бидеме различен тим од лани, се надевам дека ќе бидеме одлични и во напад и во одбрана. Жалам за некои играчи што заминаа летово, со нив бевме заедно неколку години и создадовме една прекрасна атмосфера во тимот“, вели Кузмановски.

Искусниот хрватски стратег Лино Червар кариерата ќе ја заврши токму во Битола како тренер на Еурофарм Пелистер.

„Морам да кажам дека ми е чест да бидам тука и да го водам Еурофарм Пелистер. Тука ќе биде и крајот на мојата кариера. Мило ми е дека сум во мојата втора татковина. Знам кој е Пелистер, клуб со голема традиција уште кога го водев Умаг во првата југословенска лига играв против овој клуб. Пепи Манасков ни беше голем проблем тогаш. Многу сум амбициозен. Ќе дадам се од себе за Пелистер да биде компетентен. Малку сум поинаков, па ќе работиме поинаку. Ќе биде игра за клубот да има свој имиџ, идентитет и препознатливост. Сите ние заедно, секој од нас мора да даде се. Јас како тренер морам да бидам пример, да се бориме како екипа и да се обидам да направам се што можам за клубот да биде успешен“, вели Червар.

Пелистерци првата недела ќе работат во Битола, а потоа ќе заминат на базични подготовки во Словенија.

Александар Ванев, М-Нет