Екипата на Малеш започна со подготовките за пролетниот дел во ТФЛМ – Исток

Фудбалскиот погон на Малеш од Берово стартуваше со подготовките за пролетниот дел во Третата фудбалска лига на Македонија – група Исток. Во саботата на тренерот на екипата Дамјан Аврамски се одзваа 17 играчи кои настапуваа во есенскиот дел и продолжуваат понатаму и за втората пролетна полу – етапа. Тренерот Дамјан Аврамски во денешниот разговор ни изјави дека е задоволен од остварувањето на неговиот тим и од учинокот на сите играчи. Првичните амбиции на Малеш според зборовите на Аврамски беше екипата на Малеш конечно да се врати на правиот, вистинскиот пат како стабилен фудбалски тим. За да се оствари тоа потребни се максимални напори пред се од раководството на клубот за обезбедување на непречени услови за организирање на фудбалската игра, обезбедување на играчи кои достоинствено ќе се борат за боите на клубот и кои во текот на есенскиот дел дојдоа и до самиот врв. Потребно е подобрување на пристапот кон играта и извршување на поставените тактички задачи како и зајакнување на дисциплината. Подготовките во наредните десетина дена поради екстремно ниските температури ќе се одвиваат во спортска сала во Берово а подоцна ќе се продолжи на отворено на фудбалските терени. Во зависност од тоа се контактира и за одигрување на пријателски, контролни натпревари со повеќе екипи, но засега нема утврдени термини. Како што нагласува тренерот Дамјан Аврамски, амбициите за пролетниот дел се да се обезбедат неколку нови квалитетни играчи како и млади играчи од локалните малешевски клубови, да се задржи континуитетот на успеси а ако се укаже можност, да се нападне и првото место и пласман во Втората Македонска фудбалска лига – Исток. Пролетниот дел на првенството ќе започне на 14 март а во првото коло во Свети Николе ќе се сретнат Овче Поле – Малеш. Спортската редакција на Mnet.mk TV во континуитет ги следи настаните на сите овие екипи, со цел нивна полна афирмација и враќање на некогашните славни патеки на овие екипи кои некогаш жареа и палеа по фудбалските терени ширум Македонија и од кои екипи произлегоа врвни фудбалски имиња кои стана идоли во многу респектабилни и квалитетни екипи.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk