
До петок повторно високи температури до 40 степени, Штип меѓу најтоплите градови. Македонија повторно ќе се соочи со екстремно високи температури до крајот на неделата, предупредуваат метеоролозите. Според дежурниот синоптичар Рада Аврамовска, топлиот бран кој ја зафати земјава веќе носи температури меѓу 30 и 38 степени до четврток, а до петок термометрите ќе покажат и до 40 степени целзиусови. Најжешко ќе биде токму кон крајот на работната седмица и за време на викендот, кога се очекуваат и ноќни температури кои нема значајно да опаднат. Сепак, неделата носи мала промена – локална и изолирана нестабилност, која може да донесе краткотрајно освежување во некои делови од земјата
,,Во среда од 30 до 38, во четврток од 32 до 39, а во петок од 33 до 40 степени, меѓутоа во Штип ќе има услови во петок да достигне 40, но дополнително ќе најавиме појава на топол бран. Особено топло се очекува кон крајот на работнава седмица и за време на викендот, а во недела ќе имаме и локална изолирана нестабилност.“, рече Аврамовска
На екстремно високите температури, граѓаните максимално ги почитуваат препораките и се заштитуваат најдобро што можат
Лекарите предупредуваат на внимателност, избегнување на директна изложеност на сонце во најтоплиот дел од денот и зголемена хидратација. Посебен апел се упатува особено за најризичните категории граѓани.
Иван Митев, М-Нет