
Дека оваа година ќе биде подобра од претходната во економска смисла, очекува Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи. Тој вели дека зголемување на стандардот ќе има само ако се зголеми продуктивноста, односно ако дојде до поголемо производство. Посочува и дека очекува да има намалување на инфлацијата, што значи дека ќе треба да почне да се размислува како да се подобри економијата.
„Јас очекувам дека ќе биде малку подобра од оваа година, особено ако се земе предвид дека инфлацијата почнуава да се смирува. Очекувам цените да се одмрзнат, зашто тоа е лошо за економијата и квалитетот и понудата на овие производи и се надевам дека ако е намалена инфлацијата, треба да почнеме да размислуваме како да ја подобриме економијата, како да го поттикнеме развојот, бидејќи отсекогаш сум кажувал дека нема зголемување на стандардот на вработените ако не се зголеми продуктивноста т.е. ако не почнеме да произведуваме повеќе отколку што произведуваме денес“, вели Димитров.
Платата, според Димитров, ќе расте поради недостигот на работната сила. Сепак, тоа може и да ја зголеми инфлацијата или да дојде до тоа таа да не се намали подолгорочно и да не може да се одржи на посакуваното ниво.
„Јас мислам дека платата и понатаму ќе расте и тоа не толку заради зголемување на минималната плата, туку особено поради недостигот на работна сила во речиси сите сектори. Тој недостиг на работна сила ќе предизвика и зголемување на платите, но се плашам дека тоа може да предизвика и повторно зголемување на инфлацијата“, додава Димитров.
Минатата година ја одбележаа големиот број протести. Според Димитров, тоа е поради зголемувањето на минималната плата, а неможноста да се зголемат и другите плати, особено во јавниот сектор.
„Ако не го земеме предвид замрзнувањето на цените и борбата со инфлацијата, мислам дека друга карактеристика за оваа година беше големиот број на протести од синдикати, работнички движења итн., кои беа предизвикани најмногу во јавниот сектор и сето тоа дојде како резултат на големото зголемување на минималната плата, а во јавниот сектор не можеше да дојде и до зголемување на платите на другите работници, па дојде до иста плата за три – четири звања“, додава Димитров.
Димитров вели дека заклучокот е оти преговорите помеѓу засегнатите страни одат поспоро, но за поздравување е потпишувањето на Општиот колективен договор за јавниот сектор, кој уреди некои од досега неуредените прашања. Сепак, вели тој, дел од прашањата ќе лебдат и ќе бидат отворени и оваа година.
Ребека Спасова М-Нет