Јавното претпријатие „Јавното претпријатие Комунална хигиена-Скопје“ се соочува со високо учество на побарувања чија наплатливост е неизвесна, нерационално управување со залихите, намалена ликвидност, нефункционалност на возниот парк со просечна старост од 15 години, од вкупно 189 специјални комунални возила 60% се неисправни и тоа влијае на намалена способност за генерирање економски користи, утврди Државниот завод за ревизија.
Утврдено е и високо ниво на нефункционалност на возниот парк (околу 60% возила вон употреба), односно од вкупно 189 специјални комунални возила со кои располага претпријатието, само 76 се во возна состојба, додека 80 се неисправни и 33 се хаварисани, или 113 возила се нефункционални, со просечна старост од 15 години и намалена способност за генерирање економски користи.
Во ревизијата констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на јавното претпријатие и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
Извештајот покажува дека од резервните делови на залиха, 40% се набавени во 2009 година, истите се застарени и без реална употребна вредност, за кои не е извршено вредносно усогласување.
„Отсуството на соодветно планирање и координација на активностите поврзани со набавката и издавањето на залихите резултира со нерационално трошење на средствата на јавното претпријатие и има негативно влијание врз неговата ликвидност“, пишува во извештајот.
Поради необезбедена согласност на Годишните планови за вработување од страна на основачот, јавното претпријатие во 2024 година, преку приватна агенција за вработување, ангажирало 354 лица, даватели на услуги, административни службеници и помошно технички персонал и евидентирано расходи во износ од 185.680 илјади денари односно 3.019.187 евра, што, според ревизорот, укажува на непостојаност на човечките ресурси кои треба да ги извршуваат редовните работни задачи во претпријатието.
Ревизијата утврдила неправилности во начинот на пресметка на платата на директорот и кај прекувремената работа на административните службеници.
„Со извршената анализа на податоците искажани во трговските книги и финансиските извештаи ревизија констатира дека: Јавното претпријатие евидентира неповолен однос меѓу приходите и расходите (под 1), негативна профитабилност (загуба), намалена ликвидност, како и влошена деловна ефикасност изразена преку продолжен период на наплата на побарувањата (140 дена) и зголемен период на плаќање на обврските (108 дена). Поради високото ниво на обврски од 736.948 илјади денари, односно 11.982.894 евра и намалената ликвидност, претпријатието се соочува со доцнење во плаќањата кон добавувачите, што резултира со камати, казни и ризик од блокада на сметките, кои ги продлабочуваат загубите и ги ограничуваат инвестициите во возен парк, опрема и инфраструктура, што долгорочно ја намалува ефикасноста и ја зголемува зависноста од кредити и субвенции од една страна и ризик за квалитетот, навременоста и континуитетот на давањето на услугите“, пишува во извештајот.
Текстот ДЗР: 60 отсто од возниот парк на „Комунална хигиена – Скопје“ е нефункционален е превземен од МАКФАКС.