Дејан Митров вечерва ќе се прогласи за спортист на град Штип, Александар Ванев од М-Нет – спортски новинар

Борачот Дејан Митров ќе биде прогласен за спортист на град Штип за 2023 година од страна на Општината. Спортскиот новинар на Телевизија М-Нет, Александар Ванев, ќе ја добие наградата за спортски новинар на град Штип. Вечерва, со почеток од 19:00 часот, во салата на Мултимедијалниот центар на Универзитетот „Гоце Делчев“, ќе бидат доделени наградите од традиционалната манифестација.

„Најдобар спортист за 2023 година според постигнатите резултати ќе биде прогласен борачот Дејан Митров. Има промена на локацијата, има промена на концептот затоа што интересот за оваа манифестација е сѐ поголем, а салата каде што се одржуваше е премала за сите љубители на спортот и спортски работници, семејства на добитниците на наградите. Направивме промена за да можеме на еден пригоден начин сите да ги угостиме и да бидат дел од оваа значајна манифестација“, вели Дејан Здравков, претседател на Комисијата за избор на спортист.

Комисијата за избор на спортист разгледа повеќе од 150 апликации кои пристигнаа за спортисти од околу 15 клуба, а кои имаат постигнато значителни спортски успеси во текот на претходната година. Годинава се воведува категоријата ветерани, а од минатата година продолжува доделувањето награда и за најдобра жена-спортистка.

„Комисијата за избор на спортист работеше изминативе две недели. Од пријавени преку 150 спортисти од над 15 спортски клубови, направи селекција на најдоброто за 2023 година, а вечерва ќе бидат доделени признанијата и наградите за спортски работници. Исто како и минатата година и оваа година ќе имаме награди во сите категории, почнувајќи од најмладите, пионери и кадети, сениори, младинци. Новитет оваа година е што ќе ја воведеме и категоријата ветерани, коишто оставиле пример во сите спортски дисциплини и во своето време дале придонес за развој и афирмација на спортот“, додава Здравков.

Право на учество за спортист на годината имаа сите спортисти кои имаат постигнато значителни резултати минтатата година. За рангирањето на спортистот предвид се зема најдобриот резултат, а резултатите мора да бидат заверени од соодветните федерации и да бидат веродостојни и потрепени со докази.

Ребека Спасова М-Нет