Детонит Плачковица се пласираше во четвртфиналето во Купот, Охрид убедлив против прволигашот Шкупи

Екипата на Детонит Плачковица се пласираше во четвртфиналето од Купот на Македонија, откако со минимални 0:1 славеше во Струмица над Беласица, а благодарение на погодокот на Иван Галевски, кој погоди по само три минути игра.

Минимална, но доволна победа за радовишани да се пласираат во четвртфиналето, а со тоа да го повторат ланскиот успех кога по првпат се пласираа во четвртфиналето.

Второлигашот Охрид го декласираше прволигашот Шкупи, кој резултатската криза од шампионатот ја префрли и во Купот на Македонија, откако Охрид со 3:0 однесе убедлива победа.

Иван Глигоров постигна два гола, а пак искусниот Антонио Каланоски беше стрелец на еден погодок.

Охриѓани исфрлија уште еден прволигаш, откако претходно беа подобри од Брера Струмица.

Детонит Плачковица и Охрид се првите четвртфиналисти.

Осмифиналето ќе се комплетира со останатите натпревари кои на програмата ќе биде во месец октомври. На 8 октомври Шкендија Арачиново ќе игра против Пелистер, на 15 октомври Шкендија против Тиквеш, а пак на 29 октомври ќе се одиграат четири натпревари.

Македонија ЃП против Струга Трим Лум, Башкими со Силекс, Работнички против второлигашот Брегалница и актуелниот освојувач на Купот на Македонија, Вардар против второлигашот Новаци.

Александар Ванев, М-Нет