
Овој викенд ќе се одиграат натпревари од осмото коло од ракометната Суперлига. Колото ќе биде отворен веќе утре со мечот меѓу Вардар и Куманово, натпревар кој се игра во „Јане Сандански“ со почеток од 18 часот каде Вардар е голем фаворит за нова победа.
В сабота ќе се одиграат три натпревар, а дерби од долниот дел на табелата ќе одиграат Радовиш и Бисинов, во меч каде радовишани како повратници во Суперлигата ќе ги бараат првите бодови, додека пак дебитантот Бисинов со новиот тренер ќе атакува на второ славје. Мечот стартува во 18 часот.
Бутел на домашен терен како фаворит ќе го пречека тимот на Струга, каде двата бодови за домашниот тим се многу важни со цел да се зацврсти на петтото место и со тоа да биде сигурен патник во плеј-офот, во меч кој стартува во 18 часот.
Прилеп на домашен терен ќе игра многу важен дерби меч со Тиквеш, натпревар од капитална важност и за двете екипи за прогрес на шесттото место на табелата кое води во плеј-офот. Двете екипи засега се надвор од зоната која води кон плеј-офот бидејќи го делат седмото место со по пет бодови. Натпреварот во Прилеп започнува во 17 часот.
Поради европските обврски супер дербито меѓу Алкалоид и шампионот Еурофарм Пелистер ќе се одигра во вторник од 19 часот.
Ова ќе биде дуел на непоразениот Алкалоид предводен од Кирил Лазаров и шампионот кој сака да му нанесе прв пораз на тимот од Автокоманда.
Колото ќе се комплетира в среда со мечот меѓу Охрид и Пролет каде домашниот тим ќе биде голем фаворит за нов триумф, а со тоа и враќање одново на победничките патеки, откако го забележа првиот сезонски пораз од шампионот во Битола.
За Пролет ќе биде важна победата со цел да се обезбеди за место во плеј-офот, средбата во „Билјанини Извори“ започнува во 17:30 часот.
Александар Ванев, М-Нет