Деновиве штипскиот Суд ќе ја донесе пресудата за второобвинетиот за сообраќајката кај нас. Балканска

Денеска во Основниот Суд во Штип заврши доказната постапка, како и завршните зборови против еден од обвинитетите за сообраќајната несреќа која се случи на влезот во Штип. Тогаш на лице место животот го загубија сопружници од Штип, а за несреќата беа обвинети две лица, едното од нив ја има признато вината и за него е донесена пресуда со казна затвор од пет години.

На денешното рочишто исказ дададе обвинетиот кој не признал вина за учеството во несреќата, а кој изрази жалење. Судијата кривичар во Основниот суд во Штип, Ацо Тасев, најави дека деновиве ќе биде донесена пресудата за обвинетиот.

Инаку, несреќата се случи на 31 мај меѓу возила „југо“ и „опел астра“, а на лице место загинаа две лица. Од Основното јавно обвинителство – Штип тогаш беше донесена Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, осомничени дека сториле кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

„Двајцата осомничени, во вечерните часови на 31 мај, предизвикале тешка сообраќајна несреќа со смртни последици. Првиот осомничен управувал автомобил „опел астра“, а вториот осомничен – автомобил „сеат леон“, тргнувајќи истовремено од бензинска пумпа на кружниот тек на влезот на Штип. Со брзина поголема од максимално дозволената се движеле по улицата „Брегалничка“, еден позади друг. Доближувајќи се до крстосница, наместо да ја намалат брзината, едното возило започнало да го претекнува другото и навлегло во коловозна лента за сообраќај од спротивна насока. Во тој момент, во таа лента се движел автомобил „југо“, во кој се превезувале двајца сопружници. Возачот на автомобилот „југо“ се обидел да го избегне автомобилот кој му доаѓал во неговата лента, но притоа директно удрил во другиот престигнуван автомобил. Како резултат на сударот и здобиените повреди, во несреќата починале двајцата сопружници“, известија тогаш ОЈО-Штип.

Ребека Спасова М-Нет