
Осмото коло на Трета лига регион 3 донесе убедливи домашни победи, но и нов „кикс“ на Овче Поле и нов пораз на Карбинци, тим кој и натаму останува без бодови.
Ланскиот второлигаш Каменица Саса со убедливи 4:1 на домашен терен го доби Огражден од Ново Село, со што „рударите“ остануваат непоразени и собраа три важни бода на патот кон избивање на челната позиција на табелата.
Брегалница од Делчево забележа висок пораз на гостувањето во Валандово, каде Победа триумфираше со резултат од 6:0. „Калинкарите“ остануваат непоразени и го држат врвот од табелата.
Нов „кикс“ направи Овче Поле и од коло во коло се оддалечува од првото место откако загуби од Хоризонт Турново со 1:2. За екипата од Свети Николе овој пораз е два чекори назад од првото место.
Атрактивен натпревар се одигра во Берово каде домаќинот Малеш со гол во финишот славеше над Дојранско Езеро со резултат од 3:2.
Нов пораз за Карбинци кој останува и натаму без бодови, тимот загуби во Пирава од Ударник со резултат од 4:1.
Во поглед на табелата Победа Валандово е прва со 16 бодови, колку што има и Огражден кој е втор, но тимот од Ново Село има дури два меча повеќе од „калинкарите“, на третото место е Каменица Саса со 13 бодови на своето конто, но „рударите“ имаат меч помалку од Огражден, а еден повеќе пак од Победа.
Ваквиот распоред прави да биде вистински хаос околу тоа кој ќе биде есенски шампион, а најмногу од причина што свој момент чека и Хоризонт Турново кој е четврти со 12 бодови.
Малеш од Берово од шест одиграни натпревари има 11 бодови се наоѓа на петтото место, а тимот од Берово има одложен меч со Победа Валандово, кој доколку го добие ќе се вмеша директно за челната позиција.
Овче Поле и Дојранско Езеро го делат шестото место со по девет бода, Ударник е на осмото место со осум бодови, Брегалница од Делчево е деветта со седум бодови, Слога Виница е на десеттото место со пет бодови, а на дното е Карбинци без бодови.
Александар Ванев, М-Нет