
Две комплетно опремени училници за првоодделенчињата доби кочанското основно училиште „Малина Попиванова“. Станува збор за училници во кои учениците остануваат и на продолжен престој, а опремувањето доцни поради хаваријата која се случила во текот на летото. Градежните работи се изведуваа месец и половина, а потребните материјали се сосема нови.
„Се наоѓаме во училниците каде што учат нашите првачиња. Малку задоцнивме со комплетното реновирање на училниците, бидејќи имавме голем проблем со таванот и ни се случи една хаварија, таванот да се одлепи од горните држачи. Тоа се случи на крајот на август и бевме принудени комплетно да ги реновираме, беше распишан тендер, со свој буџет го направивме сето ова, благодарност до сите кои помогнаа вака да изгледа просторот, кој е и за целодневен престој“, вели Петров.
Петров вели дека сега наставата и продолжениот престој се одвиваат во најдобар ред, а задоволни се и децата и родителите и вработените во училиштето.
„Ако задоцнивме малце, мислам дека на крајот сите се задоволни од сето тоа што го постигнавме. Децата, родителите и вработените во училиштето се задоволни од она што го направивме за подобро да се чувствуваат во нашето училиште“, додава Петров.
Инаку, целодневниот престој во ова училиште се организира за првпат. Неодамна во Кочани целодневен престој се организираше и за учениците во ОУ „Кирил и Методиј“, за учениците од прво до трето одделение.
Ребека Спасова М-Нет