
В недела ќе се одржи ново издание од Чупино зимски вертикал 2024. Чупино вертикал претставува трка во дисциплината вертикален километар во која натпреварувачите искачуваат околу 1 км висинска разлика во должина од максимум 5 км со дозволена отстапка од 5-10%.
Chupino Trail е креација на The Running Squad – екипа рекреативци со различна спортска историја. Ниту еден од The Running Squad не се занимавал професионално со спорт, но спортот е дел од нивниот живот околу 25 години.
Tрката која ќе се одржи во недела е со должина од 5000 м и висинска разлика од 1030 м. Стартот е од центарот на село Блатец во 10 часот наутро, а финишот на врвот Чупино без временско ограничување.
Со оглед дека истата ќе се одржи во недела и зимските услови кои се очекуваат, трката е предвидена за искусни тркачи, планинари, алпинисти.
Прогласувањето на победниците ќе биде во село Блатец каде по завршувањето на трката ќе има топли пијалоци и храна за сите учесници.
Плачковица веќе започнува максимално да се користи и за ваков тип на спортски активности, на планината секој викенд има планинари, велосипедисти, а во последните неколку години и маратонци. Патеките поминуваат низ густа шума, покрај чешми и потоци, што за секој рекреативец и спортист е вистински избор за спорт и рекреација.
Како и за секој натпревар и спортски настан, така и за овој има правила според кои треба да се водат сите учесници, кои ќе бидат од Македонија, но и од источна Европа.
„Трката е отворена за сите, мажи и жени, над 18 години. Учеството на трката е на лична одговорност и организаторот не превзема никаква одговорност во случај на повреда, несреќен случај или смрт. Секој учесник е лично одговорен за своите постапки на и околу патеката, особено при прекршување на законите на Република Македонија. Од учесниците се бара да бидат комплетно свесни за должината и спецификациите на трката и да бидат целосно спремни за истата. Да имаат стекнато способности и вештини за самоодржување во планински услови, справување со промени во микроклимата (дожд, магла, ветер, снег, темница, ниски температури). Да можат да се справат со изолација, физички и ментални проблеми, дигестивни тегоби, болка во локомоторниот систем. Да бидат целосно свесни дека не е должност на организаторот да помага во справување со претходно набројаните проблеми и тегоби. Со самото пријавување на трката секој натпреварувач во електронската форма за пријавување потврдува дека е свесен за опасностите од натпревар во природа и го презема ризикот на себе“, ова се правилата кои се јавно достапни од страна на самиот организатор.
Исто така има и задолжителна и препорачана опрема, па така секој натпреварувач задолжително има стартен број, јасно видлив, прикачен на предниот дел, сад за вода препорачано од 0,5 литри, астро фолија, свирче, јакна водоотпорна/ветроотпорна, потоа задолжително исто така треба вклучен мобилен телефон и батерија полна најмалку 95% пред стартот на трката.
Препорачана е капа/бандана и камашни, а исто така се препорачува и енергетска храна, гел, планинарски стапови и прва помош. За непоседување на едно парче од задолжителната опрема следуваат пенали од 30 минути, за две следува дисквалификација.
Првите тројца натпреварувачи во машка и женска конкуренција, како и најдобрите Ветерани ќе добијат гратис учество за трките Чупино треил 2024 и Бумбарска треил 2024 како и подароци од спонзорите, а котизацијата е 400 денари.
Александар Ванев, М-нет